Споменикот „Илинден“, познат уште како „Македониум“, претставува еден од најпознатите и најкомплексните споменични објекти во земјата. Подигнат е во чест на Илинденското востание против турската власт во 1903 година, како и Првото заседание на АСНОМ одржано во 1944 година, на кое беа удрени темелите на слободната македонска држава. Овој споменик е олицетворение на вековната борба и стремеж на македонскиот народ и другите заедници за слободна и независна држава. Сместен е во прекрасниот предел на Крушево на надморска височина од 1.300 метри, на локација на која се смета дека била прогласена Крушевската Република во 1903 година.

Овој споменик на културата заштитен со закон е отворен на 2 Август 1974 година на 30-годишнина на Првото заседание на АСНОМ и 71-годишнина на Илинденското востание. Постапката за изградба започнува во 1968 година кога е формирана Комисија на собранието, а на 6 мај 1970 година е избрано ова идејно решение од вкупно осум доставени труда.  

Автори на овој споменичен комплекс се брачниот пар Јордан (1925 – 1986) и Искра Грабулоски (1936 – 2008), а во осмислувањето на комплексот учествуваат и познати македонски сликари. Искра била ќерка на познатиот македонски повоен политичар Борис Спиров. Таа студирала во Скопје каде се сретнала со Јордан, еден од најпознатите македонски скулптори и учесник на Народноослободителната војна. Станале и извонредни партнери во уметноста. Интересно е да  се нагласи дека во рамките на создавањето на комплексот, постои тензија помеѓу авторите, кои се залагале за апстрактен и модернистички пристап, и комисијата која фаворизирала традиционални и фигуративни компоненти. Особено конфликт настанал околу изгледот на релјефите во внатрешноста на куполата. Изградба се одолжила, а во еден момент престанала и комуникацијата помеѓу Јордан и комисијата. Еден дел од идеите на авторите не се реализирани, како изградбата на мултифункционален амфитеатар под објектот и амбиенталното осветлување. 

Споменичниот комплекс се простира на површина од 12 хектари. Започнува со скулптурата „Раскинати пранги“, која ја симболизира слободата. Следи крипта во кога се изгравирани 58 значајни личности, настани и локации поврзани со Илинденското  востание. Потоа следи и отворен амфитеатар опкружен со колоритни мозаици крупната пластика на познатиот македонски сликар Петар Мазев, токму пред главниот објект. Комплексот завршува со позната купола во бела боја, висока 12 метри, која нуди поглед кон градот Крушево и неговото опкружување.

Приближувајќи се до влезот на куполата, обрнете внимание на влезната врата која има симболична форма на буквата „М“. Во внатрешноста на објектот се наоѓаат осум релјефи групирани по два и симболично посветени на клучните процеси во македонската ослободителна борба во периодот од Илинденското востание до крајот на Втората светска војна. Тука се прикажани (од лево кон десно): 1. Оплодување, 2. Развој на ембрионот, 3. Борба за слобода, 4. Напад на Крушевска република, 5. Поделбата на Македонија, 6. Борбата на партизаните за време на Втората светска војна, 7. Изгрејсонце и 8. Македонија како „јаболко на раздорот“.

Внатрешноста на куполата импресионира и со четирите витражи (дело на познатиот македонски сликар Борко Лазески), како и со вечниот пламен и звуците на ораториумот „Сонце на прастарата земја“ од Тома Прошев. Во објектот има четири големи прозорци насочени кон локации значајни за Илинденското востание. 

Од 1990 година во објектот се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседателот на десетдневната Крушевска Република.

Споменикот беше прикажан на првата серија на македонски денари издадени во 1992 година по осамостојувањето на земјата. Списанието „Architectural Digest“ во 2016 година го вклучи овој објект во листата на седум воодушевувачки примери на бруталистичката архитектура, а австралиското списание „Architecture & Design“ го вброи овој објект во листата на 10 најуникатни згради во светот.